Ако не се намали акцизата и ДДВ на горивата, нè чека нов ценовен шок

Опозицијата бара Собранието да ги изгласа предлог законите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата за 50 проценти и ДДВ за течните горива од 18 на 5 проценти за да се спречи нов ценовен шок поради постојаниот раст на цените на горивата. Цените на горивата за краток временски период пораснаа за околу 70 отсто, а од 1 јули годинава може дополнително да се зголемат за најмалку 10 отсто. И бизнисот бара пониска акциза и намалување на ДДВ-то на горивата, во спротивно, како што велат, можно е да дојде до ново зголемување на цените на производите

673

Високата инфлација, која во мај достигна нова рекордна стапка од 12 отсто, продолжува да го тенчи домашниот буџет. Освен храната, проблем се и високите цени на енергенсите, кои според статистиката се зголемиле за 8 отсто, а транспортот, поради високите цени на горивата, за дури 24 отсто. Од бизнисот не ја исклучуваат можноста од ново зголемување на цените на производите доколку државата не донесе конкретни мерки во однос на горивата. Од Владата смируваат дека до крајот на неделава ќе има нови мерки за компаниите и за граѓаните, а од опозицијата најавија дека ќе побараат повторно да се разгледаат двата закона за намалување на акцизата и ДДВ на горивата кои првично беа одбиени од пратениците.

Мнозинството во Собранието не ги изгласа предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за потребата од носење на Законот за акцизите со кој оваа давачка за течните горива треба да се намали за 50 проценти и Законот за ДДВ со кој се ослободува храната од ДДВ, а за течните горива се намалува од 18 проценти на 5 проценти.

-Доколку нашите предлози заглават во собраниските лавиринти, ќе побараме и амандмански да се интервенира во буџетот со цел намалување на цената на горивата и ДДВ за основните прехранбени производи. Подготвени сме овие предлог-закони да бидат предложени и од владејачките пратеници и истите веднаш да се најдат на собраниската комисија за финансирање и буџет само да им се помогне на граѓаните, изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што е познато, ДДВ на храната беше нула отсто сè до крајот на мај, по што стапката се врати на редовните пет проценти, а на бензините од 5 се врати на 18 отсто. Цените на горивата за краток временски период пораснаа за околу 70 отсто, а од 1 јули годинава може дополнително да се зголемат за најмалку 10 отсто. Цената на електричната енергија е поскапена за 30 проценти, а на топлинската енергија за речиси 15 отсто.

Поради извесниот понатамошен раст на трошоците на живот од опозицијата очекуваат дека пратениците во Собранието во најкус можен рок ќе ги прифатат измени во Законот за данокот на додадена вредност.

И бизнисот бара пониска акциза и намалување на ДДВ-то на горивата, во спротивно како што велат можно е да дојде до ново зголемување на цените.

– Цената на горивата го поскапе транспортот за најголемиот дел од компаниите што битно влијае на работењето и цената на нашите производи, која е однапред договорена. Екстра лесното масло, кое компаниите го користат во производството, Владата го изедначи со дизелот. Во овој момент кога имаме висок пораст на цените, Владата треба да размисли за субвенционирање на нафтата која се користи во транспортот и во производството на голем дел од компаниите. Нормално е ако се зголемува цената на нафтата да се зголемат и цените на  транспортот и на производите кои ги произведуваат овие компании, вели за ВЕЧЕР, Ангел Димитров од Организацијата на работодавци.

Тој смета дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на акцизата и ДДВ за горивата и храната се добри и треба што поскоро да бидат донесени за да им се помогне на компаниите и на граѓаните, но смета дека Владата нема толку лесно да се откаже од овие приходи.

-Кога се предлагаат вакви измени, кои се однесуваат на кратење на некои давачки што се значајни за Буџетот како приход, мора исто така да се види и кој расходи ќе се намалат. За да се прифатат овие предлози мора да се создадат нови приходи во буџетот или да се зголемат расходите за онолку за колку ќе се намалат приходите, објасни Димитров.

Хрватската Влада пред неколку дена донесе мерки за ублажување на растот на цената на горивата. Цените на нафтените деривати ќе се менуваат на секои 14 дена, што значи поголема сигурност и стабилност за домашниот буџет на граѓаните. Ваквите мерки ќе важат 30 дена по што владата, како што е најавено, повторно ќе ја процени состојбата и одново доколку има потреба ќе реагира.

Пред речиси една недела, интервенција во цената на горивата имаше и во Германија откако државата се откажа од голем дел од данокот за енергија.

Се последното зголемување на џените моторниот бензин 95 стигна до 110, 98 – 112 денари, дизелот 102, а екстра лесното масло 99,50 денари за литар.

(А.С.)