Акаши: Македонија и Грција конечно се договорија, ЕУ е место за целосно помирување на Западен Балкан

3

Македонија и Грција конечно успеаја да постигнат консензус за решавање на спорот за името. Доколку договорот е добар за луѓето во двете земји, секако дека ќе биде добар и за регонот, но и за мене, истакна денеска во Токио поранешниот претставник на генералниот секретар на Обединетите нации за поранешна Југославија, Јасуши Акаши.

Јапонскиот дипломат, кој беше ангажиран како специјален претставник на ОН за време на војната во Југославија на средба со новинари од земјите од Западен Балкан, одговарајќи на новинарско прашање на известувачот на МИА од Токио, посочи дека државите од регионот конечно треба да го достигнат вистинскиот степен на помирување, а начинот на кој тоа можат најдобро да го сторат е ингерирањето во Европската унија.

Македонија ја издвои како земја од поранешните југословенски републики, која успеала на мудар начин, пред се како што рече благодарение на мудрата политика на поранешниот претседател Киро Глигоров, да избегне војна на сопствената територија.

– Горд сум на инструментот на превентивно распоредување на силите на ОН во Македонија , тоа е единствениот таков пример на превентивно распоредување на силите на Светската организација, нагласи Акаши.

Оценките за Македонија во извештаите на ОН се многу подобри од оние на нејзините соседи од поранешна Југославија, додаде тој, но истакна дека не знае зошто јапонски компании и покрај тоа што двете земји веќе 24 години ги развиваат билатералните односи, се уште не инвестирале во Македонија.

-Бевме многу заинтересирани за Македонија, вашиот главен град беше редизајниран од познат јапонски архитект. Горди сме на тоа, но горд сум и на мисијата на ОН во вашата земја, порача Акаши.

Потсетувајќи се на времето кога беше претставник на ОН за поранешна Југолавија, истакна дека првично мисијата имала за цел да го чува мирот.

– На Балканот бевме испратени за да го чуваме мирот, но таму немаше мир за чување. Се случија конфликти, со исклучок на Македонија, поради мудриот пристап на претседателот Киро Глигоров, еден од ретките кои е достоен за почит, нагласи јапонскиот дипломат.

Истакна дека во поранешна Југославија преовладал национализмот и ирационализмот, а на прашањето дали можеше да се избегне таа војна нагласи дека граѓаните на поранешните југословенски републики имаат повеќе сличности, отколку разлики и оти на таа основа треба да ги градат односите во иднина.

– Вие сте толку слични, јазикот ви е сличен, можеби религијата ве дели, но пред војната 60 проценти од браковите беа мешани, некако бевте многу поцивилизрани пред конфликтот, но враќање нема, нагласи Акаши, кој моментално е на чело на Меѓународната куќа на Јапонија, непрофитна организација, основана во 1952 година со цел да промовира културна размена и интелектуална соработка меѓу Јапонија и другите земји во светот.

Смета дека ситуацијата се уште не е решена во Босна и Херцеговина, но не стравува дека постои можност од нова војна, особено кога сите земји околу неа се стабилизираат и консолидираат.

Верува дека има решение за спорот меѓу Србија и Косово и оти тоа треба да се најде преку преговори.

Во врска со можната промена на границите нагласи дека тој е секогаш приврзаник на рационални солуции и ја смета за неразбирлива врзаноста на луѓето за територии.

-И ние во Јапонија имаме сериозни проблеми со границите со повеќе земји, имаме проблеми со Русија, Кореја, со Кина, премногу фиксации има меѓу политичарите насекаде за парче земја, кое и не е толку економски важно, вели јапонскиот дипломат.

Во врска со можната размена на територии истакна дека при решавање на таквите ситуации треба да се земе предвид кој дел од историјата се зема како појдовна точка.

-Одговорот ќе зависи од тоа кој дел од минатото го сметате како појдовна точка, дали се враќате 50 години, 100 години назад или можеби и повеќе. Многу е важно од која позиција од минатото тргнувате, додаде Акаши.

На прашањето дали смета дека Русија го зголемува влијанието на Балканот, нагаси дека Москва е воена, но не и економска сила.

-Има многу сентиментализам тука, регионот е сентиментално поврзан со Русија, поради религијата, но сите имаат некакви емоционални и историски поврзаности, рече тој и нагаласи дека во светот не треба да се создаваат дополнителни граници.

За поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ вели дека бил мошне комплексна личност, но од останатите националистички лидери во регионот го издвои како поинтелигентен и некој кој можел да ја види големата слика, но избрал да верува во сопстените имагинации и погрешно да ги користи своите потенцијали.

-Во споредба со другите националистички лидери во регионот тој имаше повеќе информации и повеќе волја да разговара и да слуша, но тој имаше свои визии и илузии. Сметам дека не беше толку злонамерен како што го прикажуваа. Во споредба со Караџиќ и Младиќ беше далеку поинтелигентен, но негов проблем беше изборот на луѓето околу него, рече Акаши и додаде дека тој можел својата интелигенција да ја искористи за повисоки цели, дури се обидувал да им помогне на ОН да ја смират ситуацијата, но веќе било доцна.

На прашањето што според него е здрав и издржан национализам вели дека сите начела се содржани во Повелбата на ОН.

-Во неа има се за мировни преговори, медијација, судски постапки, земјите-членки треба да се повикуваат на неа. Со соседите треба да преговараме. Мораме да ги сочуваме тие вредности, тоа е наследство на цивилизацијата, не смееме повеќе да се бориме на примитивен начин, да поттикнуваме војни и да предизвикуваме невини жртви, рече Акаши.

Според него, Обединетите нации во моментов се соочуваат со сериозни проблеми поради тоа што нема единство меѓу нациите во однос на клучни прашања.

-Кога моќните држави не соработуваат целосно со ОН, не ги делат заедничките идеали и вредности, доаѓаме во ситуација Светската организација да биде ставена во неволја, рече Акаши.

Во врска со амерканскиот претседател Доналд Трамп и неговото владеење, вели дека тој не оди во насока на американската политичка традиција.

Акаши нагласи дека САД создале добар систем на поделба на власта со цел да се избегне концентрацијата на моќ и појавата на диктатура.

-Не велам дека Трамп е диктатор, но сметам дека неговото владеење не соодветствува со американската политичка традиција. Сепак, сакам да верувам дека ова што се случува во САД е некаква флуктуција, промена на системот, како во случајот со Никсон, тоа се тие промени од кои се надевам дека САД ќе постигнат еквилибриум и ќе продолжат да го даваат својот придонес кон светскиот мир и просперитет, нагласи Акаши.