„Извонредни достигнувања во Виена, во јубилејната 75. година од постоењето на Академскиот хор „Мирче Ацев“! Спектакуларни настапи на престижната сцена во концертната сала на „Musikverein“, како и во салата на Обединетите нации во Виена, и две освоени награди во рамките на меѓународниот хорски фестивал „World Peace Choral Festival“ – Златната награда и наградата за најдобра изведба на европското класично творештво – ги сподели своите впечатоци од настапот на „13th World Peace Choral Festival“ во Виена Александар Трајковски, член на Академскиот хор „Мирче Ацев“

 

Академскиот хор „Мирче Ацев” од Скопје ја направи Македонија горда. Тој е првиот македонски хор што воопшто настапил во Златната сала „Musikverein“ во Виена, каде што се изведуваат познатите виенски новогодишни концерти, а она што ќе остане запишано во македонската музичка историја е што се вратија од Виена со Златната награда (Golden award).

Хорот, под диригентската палка на маестро Јасмина Каро, настапи во рамките на „13th World Peace Choral Festival“, при што ја освои првата награда во конкуренција на хорови од Кина, Австрија, Унгарија, Италија… или над 1.500 хористи од целиот свет.

Одгласот за извонредниот успех на македонскиот хор не стивнува и по една недела од настапот, а членовите на хорот и маестрото ги споделија своите впечатоци.

– Хорот во кој доживеав бура од емоции, запознав прекрасни луѓе… мојот најсакан хор на светот – Академскиот хор „Мирче Ацев”, под раководство на нашата сакана и почитувана Јасмина Каро, пристигна во Виена на 18 јули и е првиот македонски хор што не само што настапил во живо во „Musikverein“ туку и ја освoил првата Златна награда на „13th World Peace Choral Festival“. Дополнително, и наградата за најдобра изведба на класични музички дела! – истакна на својот фејсбук-профил Александра Максимовска, која е дел од хорот.

Таа додаде дека публиката емотивно и со стоечки аплауз реагирала на „Македонско оро”, „Македонска хумореска”, „Chae Shukarie”, како и на други моќни дела од интернационални автори.

– Гордо го развеавме знамето… и ја претставивме нашата Македонија како вистински музички амбасадори. Распеани, возбудени, среќни, исполнети со гордост и достоинство, полни со прекрасна енергија и љубов кон хорската музика се враќаме подготвени за нови предизвици. Чувството е нестварно и незаборавно! – напиша таа.

Александар Трајковски, исто така член на хорот, пак, напиша:

– Извонредни достигнувања во Виена, во јубилејната 75. година од постоењето на Академскиот хор „Мирче Ацев“! Спектакуларни настапи на престижната сцена во концертната сала на „Musikverein“, како и во салата на Обединетите нации во Виена, и две освоени награди во рамките на меѓународниот хорски фестивал „World Peace Choral Festival“ – Златната награда и наградата за најдобра изведба на европското класично творештво. „Мирче Ацев“ секогаш на врвот!

Марија Димовска, исто така, ги сподели своите импресии.

– Деновиве имам повеќе причини да се чувствувам горда и среќна што сум Македонка. Прво, затоа што сум дел од Академскиот хор „Мирче Ацев“, потоа затоа што имавме можност да ја претставиме Македонија на „13th World Peace Choral Festival 2024“ и притоа да ги освоиме двете најзначајни награди таму и со тоа културно да ја издигнеме Македонија. Она што уште повеќе ме прави горда е што, благодарение на проф. Александра Максимовска, нашето знаме беше забележано под нашето оригинално име, Македонија. Најголемата заслуга за нашиот успех ја има нашата почитувана диригентка Јасмина Каро, која не само што нè подготви за натпреварот туку и целосно ја презеде организацијата и успешно ја реализираше во текот на турнејата. Македонија е земја на силни и способни жени – напиша таа.

Маестро Јасмина Каро истакна:

– Во текот на мојата кариера, резултатите и наградите не беа изоставени. Тоа се должи, пред сè, на беспрекорната соработка со хористите со кои работам. Моите енергија, знаење, љубов се буквално пренесени преку нивните гласови, љубовта кон пеењето, ентузијазмот. Со еден збор, без таквата заемна интеракција, никој од нас не би бил целосен, а публиката, жиријата навистина умеат да го препознаат и да го наградат тоа, како што беше случај и во оваа европска метропола, каде што направивме магија и не оставивме никого рамнодушен – напиша Каро.

Таа додаде дека на 13. издание на „World Peace Choral Festival“, Академскиот хор „Мирче Ацев“ за првпат ја претстави Македонија со седум настапи во најпознатите зданија во Виена, за да го има последниот гала-концерт во Golden Hall, каде беше и прогласувањето на победниците.

– Во текот на сите настапи, хорот беше најатрактивен хор, кој изведе најмногу композиции, како и различен стил, жанр, епоха… Во Златната сала, златото го добија златните хористи (грла) на хорот, кој веќе 10 години го предводам. Македонијо, радувај се со нас! – додаде Каро.

Инаку, во изминативе седумдесет години, Академскиот хор „Мирче Ацев“ се позиционираше како значаен фактор во македонската (и порано, на југословенската) хорска дејност, адекватно презентирајќи го македонското хорско творештво, но и партитурите на светските класици и мајсторите на современата музика. Благодарение на музичкиот квалитет изграден преку професионалноста и креативноста на диригентите, како и гласовниот потенцијал, огромниот ентузијазам и љубовта кон хорското пеење, хорот е еден од главните генератори на македонската музичка култура воопшто. Од 1948 г., настапува не само низ државата туку и низ Европа и светот и постигнува низа историски успеси од национално значење. (Д.Т.)