Со 213.347 патници опслужени овој јуни, скопскиот аеродром се приближува до бројките во предпандемиската 2019 година, кога во истиот месец низ неговите врати поминаа 215.021 патник, пишува специјализираниот портал ExYuaviation.
Падот е минимален, само 0,8 проценти, а според порталот, остварен е благодарение на нискобуџетната авиокомпанија „Виз ер“, која сега целосно ја обнови својата скопска мрежа.
Во првото полугодие, пак, аеродромот прими 862.479 патници, што е за 18,6 проценти помалку во однос на истиот период во 2019 година. На охридскиот аеродром се регистрирани над 86.000 патници.
ExYuaviation нотира дека во првата половина од годинава аеродромите ширум поранешна Југославија опслужиле 8.571.957 патници, а лидер е „Никола Тесла“ во Белград со над два милиона патници, со што ја задржа позицијата на најфреквентен и рангиран меѓу најдобрите 80 на континентот. Потешко се закрепнуваат аеродромот во Љубљана, кој во првата половина од годинава опслужи 44,6 проценти од патниците што ги имаше во истиот период во 2019, слична е ситуацијата и со аеродромот во „Тиват“, додека најлошо помина мостарскиот аеродром со 15,4 отсто од резултатот во 2019 година. За Љубљана сè наведува дека сè уште се справува со последиците од банкротот на „Адриа ервејс“, Тиват е тешко погоден од тековниот конфликт во Украина губејќи туристи од Русија, Украина и Белорусија, а Мостар повеќе нема редовни летови по повлекувањето на „Еуровингс“.
Бројките покажуваат посилно закрепнување на аеродромите во регионот и воопшто во Европа оваа пролет.
-Ако Ковид-19 предизвика невиден колапс во патничкиот сообраќај за европските аеродроми, враќањето што го доживеавме оваа пролет е подеднакво извонредно. Фактот дека обемот низ целиот континент сè уште остана ‑28,3% под нивото пред пандемијата во првата половина од годината не треба да го засени чистото и невидено ослободување на затворената побарувачка што се случи од март. Сообраќајот на патници во европската аеродромска мрежа скокна за 247 проценти во текот на првата половина од годинава, изјави генералниот директор на Меѓународниот совет за аеродроми во Европа, Оливие Јанковец.