Отсуство на конкуренција во јавните набавки, исклучително висок удел на поништени постапки за тендерите и се уште преовладува најниската цена како критериум за избор на најповолната понуда, е сума сумарум наведено во Извештајот на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) по направениот мониторинг на јавните набавки во 2022 година.
Вкупно 28.313 договори за јавни набавки биле склучени во 2022 година во вредност од 68 милијарди денари (1,1 милијарда евра). Секој трет од овие договори (9.305) бил склучен во постапка во која учествувала само една фирма. Станува збор за сума од 26 милијарди денари (427 милиони евра)
– Отсуството на конкуренција води кон зголемување на ризикот во тендерите да не е добиена најдобрата вредност за потрошените пари. Просечниот број понуди на сите постапки за јавни набавки во 2022 година изнесува 3 понуди по тендер, што укажува на намалување на конкуренцијата во однос на 2021 – се вели во извештајот.
Лани биле поништени дури 31% од тендерите. Гледано по институции, најголем број поништени тендери во апсолутен износ има АД Електрани, каде што се поништени 230 тендерски постапки од вкупно спроведените 582 тендери. Притоа, некои од овие одлуки се однесувале на поништување на целиот тендер, а некои биле за поништување на одделни делови (лотови) на тендерот. На второ место е Министерството за внатрешни работи, каде што произлегува дека за 186 тендерски постапки се донесени 180 одлуки за поништување, што упатува на често поништување еден или повеќе делови од тендерите. Висок процент на тендери поништило и Министерството за одбрана (од вкупно 279, поништени се 174) и Клиничка болница „Тетово“ (67% од тендерите се поништени).
Гледано по институции, најголема вредност на склучени договори без објавување оглас од листата на државни институции во 2022 година, како и во претходната година, ја има АД Електрани, со 23 договори во вредност од 21 милион евра. На второ место е Министерството за образование и науки со 16 договори во вредност од 3,2 милиони евра, и на трето е Министерството за внатрешни работи, со склучени 10 договори преку постапката со преговарање без објавување оглас, во вкупна вредност од 1,4 милиони евра. Сите останати институции потрошиле 6,7 милиони евра и имаат удел од 21 %.
Дури за 63 % од фирмите, „најниската цена“ како критериум за избор е најчестиот проблем со којшто се соочуваат во јавните набавки. 93 % од фирмите сметаат дека на електронските аукции се постигнуваат нереални цени и се занемарува квалитетот. 54 % од фирмите признаваат дека постои меѓусебно договарање на тендерите. 46 % од фирмите сметаат дека има корупција во јавните набавки. 64% од нив сметаат дека врските се најчест облик на корупција, а 18 % лично се соочиле со корупција на тендерите.
Роковите за отпочнување на тендерските постапки наведени во плановите за јавни набавки речиси воопшто не се почитуваат. Дури 90 % од мониторираните постапки се спроведени со задоцнување, и тоа од 1 до 8 месеци.
– Така се доведува во прашање ефикасноста на функционирањето на институциите, но воедно и улогата која плановите за јавни набавки треба да ја имаат во однос на поттикнување на конкуренцијата – се наведува во Извештајот.
Задоцнетото плаќање повторно се издигнува како акутен проблем. По две години по ред на шестото место, сега овој проблем се искачи на четвртото место како проблем со којшто се соочуваат 39 % од фирмите. Овој проблем, до 2019 година, редовно се наоѓаше меѓу првите три најголеми проблеми. Според одговорите на фирмите, тие просечно чекаат по шест месеци и 27 дена за наплата на побарувањата за спроведените тендери, додека лани просечното чекање изнесуваше пет месеци и 18 дена.
Предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки во 2022 година биле 270 тендери, што укажува на благ пораст во однос на 2021 година и на мал опфат на контрола од само 1,18 %. Во текот на 2022 година, Бирото за јавни набавки за првпат има доставено два предмети до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за можни злоупотреби на одредбите од јавните набавки.
Забележано е намалување на бројот на жалби доставени до Државната комисија за жалби по јавните набавки. Во 2022 година поднесени се 751 жалба од фирмите, што е за 34 % помалку од претходната година.
(С.Бл.)