Хуманитарната трка IT4Charity оваа година доби на масовност со рекордниот број учесници од компании од ИТ секторот. Собраните средства од трката се наменети за СОС Детското село за професионална поддршка на згрижувачките семејства и децата што вклучува експерти, како психолози, логопеди, дефектолози, социјални работници, како и тренинзи и консултации за родителство со предизвик.

– Презадоволни и преблагодарни сме. Годинава ги надминавме сите досегашни резултати, и по бројот на компании донатори, и по бројот на пријавени учесници, но и по собраните средства. Особено сме горди што девет нови компании ја препознаа мисијата на СОС Детско село и ја поддржаа овогодишната хумана донаторска инцијатива IT4Charity – изјавија од СОС Детско село.

„Бимилк“ е една од компаниите што ја поддржа хуманитарната трка IT4Charity. Покрај редовна месечна финансиска помош за СОС Детско село, „Бимилк“ и оваа година ги поддржа децата при почетокот на школската година и со тоа уште еднаш ја потврди својата грижа за децата и младите без родители.

– Поддршката на IT4Charity иницијативата за нас е уште еден начин за помош на ранливата категорија, на децата без родителска грижа и децата кои се дел од нашата иднина и на кои им е потребна дополнителна помош за полесно да влезат во образовниот процес и да можат да станат одговорни членови на заедницата. Затоа сме горди што преку поддршката на трката IT4Charity, дадовме уште поголем придонес кон оваа навистина убава иницијатива и ја зголемуваме свесноста за потребите на децата како ранлива категорија – изјави Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во „Бимилк“.