Поплавите стигнаа до Италија: Циклонот Борис не се смирува, издадени предупредувања за обилни дождови и силен ветар

164
EPA-EFE/MACIEJ KULCZYNSKI

Интензивното невреме што ја зафати централна Европа стигна до Италија, каде во поголемиот дел од земјата се издадени предупредувања за обилни дождови и ветрови, а веќе се забележани поплави во централниот град Пескара.

Италијанската метеоролошка служба издаде предупредувања за северниот брег на регионот Емилија-Ромања, сè до крајниот југ, јави Би-Би-Си.

На поплави во наредните денови предупредуваат и властите во Хрватска, Унгарија и Словачка. Значителни поплави предизвика бурата Борис, која донесе големи количества дожд и снег во текот на викендот.

Повеќе од 5 000 војници беа распоредени да им помогнат на луѓето во јужна Полска, а околу 40 000 жители беа евакуирани од градот Ниса. Полскиот премиер Доналд Туск прогласи едномесечна состојба на природна катастрофа, бидејќи се предвидува дека во среда ќе биде поплавен и Вроцлав, јави Би-би-си.

Областите долж чешко-полската граница се меѓу најтешко погодените, а чешките власти евакуираа повеќе од 15 000 луѓе. Чешка е погодена од најтешките поплави во последните 27 години, а Острава е еден од најтешко погодените градови, откако реката Одра се излеа од коритото по обилните врнежи.

Во поплавите кои ја погодија централна и источна Европа има загинати и исчезнати лица, во многу градови е наредена евакуација на населението поради поплавните бранови кои се очекуваат.

Како што се наведува, најмногу врнежи имало во Австрија и Чешка, каде количината на дожд надминала 200 милиметри, но многу дожд наврнал и во Словачка и Хрватска. Во Унгарија најмногу дожд наврна во околината на Сопрон и Мошонмаџаровар, каде количината на врнежи надмина 100-150 милиметри.