Традиционалните годишни награди ДПМ ќе ги додели на 18 септември

26

Романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“); романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“) и збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“) се влезени во финалето за најдобро прозно дело на традиционалните награди на Друштвото на писатели на Македонија за 2023 година, кои ќе бидат доделени на 18 септември.

Финалисти за најдобра поетска збирка, пак, се: „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“), „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“) и „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“).

За најдобра книга за деца и млади биле пријавени шест дела, а поради малиот број конкуренти, вториот круг бил воедно и финален круг и во него се влезени: „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука мак“), „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс ламина“) и „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“).

За наградата за најдобра книга критика и есеистика биле избрани пет дела, а поради изедначениот број бодови, финалисти се четворица: „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“), „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“), „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат) и „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет).

Од ДПМ информираат дека годинава нема да биде доделена наградата „Мост“, бидејќи на конкурсот се пријавиле две книги, а согласно си Деловникот, потребно е да се пријават најмалку три дела за која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и да биде избран победникот.