Изложба на дела од струмичката ликовна колонија, Прилеп ќе понуди 35 проекти од ликовната дејност

57

Во ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска е отворена изложбата на дела од струмичката ликовна колонија. Пред прилепската публика се претставени 25 дела од 15 ликовни уметници од нашата држава, Полска, Бугарија, Романија, Турција, Србија, Чешка и Украина, кои учествуваа на 55-то издание на Меѓународната струмичка ликовна колонија.

Според етнологот и антрополог, Ивана Атанасоска која ја отвори изложбата, овие врвни дела се инспирирани од Струмица и околината, а Колонијата има импозантен број дела од уметниците од речиси цел свет.

– Станува збор за 23 слики и два мозаика што стигнаа пред прилепската публика. Во Меѓународната струмичка ликовна колонија, 55-та по ред, учествувале 15 ликовни уметници од земјава и странство. Со ова се зголемил фондот на дела во оваа меѓународна ликовна колонија која вкупно брои 2.200 дела. Досега во Колонијата учествувале, во овие 55 години, околу 800 уметници од целиот свет. Мотивите се од Струмица и околината, изјави Атанасоска.

Со оваа изложба, прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ почна со реализацијата на годинашниве 35 проекти од ликовната дејност што се одобрени со Програмата на Министерството за култура, нагласува Марјан Стојаноски од Центарот за култура.

– Министерството за култура ги одобри сите 35 проекти од ликовната дејност што ги предложи прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ за годинава. Оваа година ја започнуваме со изложбата на делата од струмичката ликовна колонија и имаме долга соработка. Од 35-те одобрени проекти, пет се групни, а 30 се самостојни изложби. Прилеп ќе понуди креативни изложби на бројни уметници со што го задржува приматот како еден од градовите со развиена ликовна дејност и презентација, рече Стојаноски.