Бразилската полиција поднесе обвинение против поранешниот претседател Жаир Болсонаро за непријавени дијаманти

32
(Brasília - DF, 24/04/2019) Pronunciamento do Presidente da República, Jair Bolsonaro. Foto: Isac Nóbrega/PR

Бразилската федерална полиција го обвини поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро за перење пари и криминален заговор во врска со непријавените дијаманти што лидерот на екстремната десница ги добил од Саудиска Арабија за време на неговиот мандат, изјави денеска неименуван извор запознаен со обвиненијата.

Друг извор го потврди обвинението, но без да прецизира конкретни злосторства, пренесе АП.

Врховниот суд на Бразил допрва треба да го добие полицискиот извештај со обвинението. Кога ќе го стори тоа, главниот обвинител на земјата, Пауло Гонет, ќе го анализира документот и ќе одлучи дали да покрене обвинение и да го принуди Болсонаро да му се суди.

Ова е второ обвинение за Болсонаро откако ја напушти функцијата, по обвинението во март за наводно фалсификување на сертификат за вакцинација против Ковид-19, пренесува Танјуг.

Обвинението е поздравено од неговите противници, додека неговите поддржувачи го осудуваат како политички прогон. Болсонаро не се изјасни, но тој и неговите адвокати претходно негираа дека сториле нешто лошо во двата случаи, како и другите истраги за поранешниот бразилски претседател.